September, 2008 |
Од денес (21.09.2008г) официјално ја прогласуваме за активна новата Лугола 2.0. За таа цел, би сакале да Ве запознаеме со нашата идеја за новото функционирање на групата. Можеби повеќе нема да делуваме како GLUG, можеби ќе делуваме позатворено од порано, нема да имаме редовни физички состаноци, но сето тоа ќе го правиме за подобра кооперативност, организирање и делување. Состаноците на Лугола последно време не беа воопшто продуктивни. Не се исклучени засекогаш, се разбира од време на време се собираме и дружиме низ дискусија за нашите планови како активисти за промоција за слободен софтвер. Она што е најкорисно и јасно како солза, е тоа што во Лугола се исфилтрираа активистите кои останаа доследни на својата идеологија. Не се работи за лични интереси, Лугола не е компанија, регистрирано здружение и сл., едноставно се работи за интересите на сите корисници на слободен софтвер. Во Лугола останаа 10тина души кои радо ќе работат на заживување на заедницата во Македонија, имајќи во предвид дека ситуацијата не е баш најдобра. Не ветуваме реформи, обнова во 1205 чекори или острови и територии, она што го ветуваме е дека во иднина Лугола ќе работи во името на идеологијата и движењето на слободен софтвер само и само за корисниците на слободен софтвер, служејќи ги нив, помагајќи им нив, дружејќи се со нив. Можеме да бидеме сите една голема заедница и едно цврсто јадро на хакери кои ќе делуваат во правец кон кој цели Лугола. Истовремено Ви ветуваме дека никогаш нема да го игнорираме Вашиот повик за помош и поддршка. Во нашата заедница има многу квалитетни корисници на слободен софтвер, хакери, активисти и поддржувачи на нашите активности, би било нефер кон сите сето тоа да го оставиме само за нас. Што би било доколку сето зlнаење што го поседуваат програмерите во Македонија да го чуваат само за себе кога развиваат софтвер? Или која е поентата да се остави сето тоа кое го поседуваме сите ние да остане неискористено во себичноста и желбата знаењето да остане затворено само за нас? Затоа ќе се обидеме да се свртиме повеќе и кон производството на слободен софтвер, врз основа знаењата кои ги има меѓу корисниците во нашата заедница, централизирајќи ги софтверските проекти на еден заеднички софтверски тракер, каде корисниците ќе може најлесно да дојдат до саканото решение за даден проблем. Новитети кои ќе произлезат од обновата на Лугола се:
Работиме врз организирање и на уште неколку други идеи. Доколку Вие сакате да ни помогнете овојпат ќе треба да покажете дека сте сериозни во таа намера. Ќе дојдете на некој од настаните што во иднина ќе ги организираме, ќе делите дискови, летоци и други пропагандни материјали. Така ќе сметаме дека сте дел од Лугола и ќе бидете регистрирани на сите онлајн ресурси кои групата ги користи за организирање и ид кои не сите се јавни. Или донирајте. Барем за нас знаете дека парите нема да ги искористиме за одмор на Фиџи, финансиите повторно ќе ги искористиме за Ваше добро. Така ќе знаеме дека сте дел од Лугола. Во ладното утро на денот на слободен софтвер во Битола и заоѓањето на светскиот ден на слободен софтвер, Ве повикуваме да преминете кон користење на слободен софтвер, слободни технологии и да ја поддржите слободната култура, започнувајќи со само-иницијатива која светот ќе го направи поудобно место за живеење во кое ќе завладее знаењето за тоа што стои зад технологијата која ја користиме секојдневно. |
|||
Симболично, 21 септември е избран за слободен софтвер во Битола, оваа година двата датуми се надоврзуваат, па затоа Ви укажуваме на неколку битни работи. Оваа година, со оглед на отсуството на поголем дел од активистите на Лугола од градов, класична прослава како што имало претходните години нема да има. Во скопје, на 27ми септември сепак, со 1 неделно оправдано задоцнување, дел од активистите од Лугола ќе се придружат на прославата организирана од тамошниот тим составен претежно од членови и активисти од „Слободен софтвер Македонија“, каде во текот на т.н. бела ноќ ќе бидат организирани стандардните активности кои се случуваат кога заедницата слави значаен датум како овој, плус некое екстра изненадување. Во очекување на детаљи од прославите на ДСС во светот, може да ѕирнете што се случувало преку сликите на Flickr. Среќен ден на слободен софтвер, каде и да сте! |
|||
Како што сите знаеме, оваа година започна со реализација проектот „Компјутер за секое дете“ од Владата на РМ. Иако овој новитет беше поздравен од широката заедница во нашата земја, мора да потенцираме дека во моментот постојат редица проблеми кои висат врз функционалното употребување на инсталациите во образованието. За таа цел, Лугола е во процес на изработка на стратегија за помош за професорите кои треба да ги држат предавањата на Edubuntu GNU/Linux, ресурс од каде што ќе може да се видат решенија за најчестите проблеми и контакт преку кој ќе можете да добиете директна помош, со што ќе се надоболни и базата на решенија. Доколку Вие, како професор или ученик наидете на проблем при работата со Edubuntu инсталациите во Вашата институција, слободно обратете се на е-поштата на Лугола, info _на_ lugola.net. Образложете го проблемот и бараниот резултат, ние ќе се обидеме да Ви одговориме адекватно во најбрз можен рок. Се разбира, доколку заедницата на слободен софтвер биде вклучена во проектот, сметаме дека текот на реализацијата ќе помине побезболно за сите. |
|||
Оваа иницијатива е доброволна, ја реализираме без никаков притисок на корисниците на слободен софтвер во нашиот делокрууг, но доколку сакате да донирате за купување литература за библиотеката на Лугола, тоа можете да го направите на неколку начини. Донирајте онолку колку што можете и мислите дека е доволно. Секој допринос е повеќе од ценет. Потоа, може да го следите моделот на активните членови на Лугола, со тоа што дел од нив даваат сума од 1200 денари еднократно, а друг дел пак даваат по 100 денари секој месец. На крајот на годината или пак во текот на годината, зависи од потребите и желбите, се набавуваат книги преку Amazon и сл. онлајн сервиси. Секој кој донира ќе може да предложи 2 книги кои тој би сакал да ги нарачаме. Со тоа се донираат книги по ВАШ избор кон Лугола. Така ќе помогнете да се развие свеста за слободниот софтвер во нашата земја и ќе дадете можност корисниците да добијат соодветно, стручно образование за проблематиката со која ние работиме. Доколку оваа идеја Ви се допаѓа, контактирајте нѐ, наведете сума која би сакале да ја донирате и посакајте која книга сакате да ја збогати библиотеката на Лугола, за другото ние ќе се погрижиме, Мала напомена: литературата која ќе биде набавена ќе биде исклучиво компјутерска. |
|||
Следуваат најчесто поставуваните прашања од страна на новите корисници на слободен софтвер и членови на Лугола. Прашањата постојано се надоградуваат. Доколку мислите дека нешто недостасува или сакате да го има, пратете пошта на info _на_ lugola.net по што ќе се вметни новото прашање и одговор. Што е GNU/Linux?GNU/Linux e оперативен систем создаден од поголема група на програмери ширум светот, а инициран првенствено од заеднички и по малку случајни идеи на Ричард Сталман (САД) и Линус Торвалдс (Финска). Овој оперативен систем е слободен, бесплатен и може да го користи секој, што има потреба од него, без никакво ограничување. Искусниот корисник може да си направи свој оперативен систем базиран на работата на GNU/Linux или само на поединечни елементи од него. Што е Јадро (кернел)?Овој поим има повеќе значења но во овој случај најбитно е значењето што го опишува како срж/срцевина на некоја работа. Во светот на компјутерите кернелот има главна улога кај оперативните систем. Тој е парчето софтвер што се грижи за распределбата на меморија, за контролата на процесите, за комуникацијата хардвер-софтвер и уште мал милион други работи. Дали има разлика помеѓу GNU/Linux и Linux?Да. Во 1983 година, Ричард Сталман го започнува проектот за изработка на слободен оперативен систем, кој ќе биде лиценциран според лиценци што самиот проект ги носи. Проектот беше наречен GNU што значи GNU's Not Unix, а главната лиценца според кој софтверот ќе биде лиценциран е Општата Јавна Лиценца (мкд. ОЈЛ, анг. GPL - General Public License). Откако голем дел од програмерите вклучени во проектот ги завршија главните работи, се бараше сржта на оперативниот систем - кернелот. Во 1991 Линус Торвалдс во Хелсинки го создава Linux кернелот, исто слободен и бесплатен. Така GNU го прифаќа како кернел за својот оперативен систем и целото име на системот е GNU/Linux. Значи разликата е во тоа што GNU/Linux е име на оперативен систем, додека Linux е име на кернелот на овој оперативен систем. Сепак кога се вели Linux со цел скратување на целото име, глобално се мисли на оперативен систем (што впрочем е кернел), а името на оперативниот систем е GNU/Linux. Што се GNU/Linux дистрибуции?Големи фирми кои ја искористиле слободата на направиле своја верзија на оперативен систем базиран на Linux кернелот, т.е. направиле свои дистрибуции. Така денеска постојат Мандрива Linux, Федора Linux, Слеквер Linux, Дебиан, Џенту и уште многу други дистрибуции. И вие можете да имате своја дистрибуција. Потребно да изберете како вашиот оперативен систем ќе биде структуиран, кои пакети ќе ги носи и по потреба да напишете дополнителни конфигурациони алатки. Што е слободен софтвер, а што софтвер со отворен код?Доколку некој од вас ги прочитал документите што го опишуваат GNU проектот, сигурно ја забележал споредбата на „слободниот говор“ и „бесплатното пиво“. Слободниот софтвер не е прашање на цена. Тој треба да биде слободен, не значи дека ако јас го дадам својот код за одредена цена, тој не е слободен. Од друга страна не значи дека ако јас ја дадам програмата со изворниот код, но лиценциран според друга постоечка лиценца, мојот софтвер е слободен, лиценцата може да ги забрани сите права на сопственикот за „слободно однесување“ кон изворниот код, тогаш тој е софтвер со отворен код, но не слободен. Споредбата на говорот и пивото се базира на целата филозофија на Слободниот софтвер. Сигурно би ви било позначајно да можете слободно да се изразувате и да не ве затвораат за секоја јавна критика, отколку да седите во некое кафуле и пиете бесплатно пиво. Така и со софтверот. Каде да се обратам за помош при работа со слободен софтвер?Најпрво пребарајте ги основните извори за помош, Google, Wikipedia и сл. Следно може да се обратите кај на нашата е-пошта info AT lugola.net како најпрепорачлив метод за контакт со нас. Дали има официјално поддржана дистрибуција од Лугола?Не Кои дистрибуции може да ги најдам во Лугола?Сите кои не можете да ги симнете самите од Интернет. Во случај да сте спречени да користите Интернет или да симнувате „потешки“ датотеки, само именувајте ја бараната дистрибуција и ја имате. Како можам да заработувам од слободен софтвер?Слободниот софтвер не е прашање на цена туку на слобода. Тоа е јасно декларирано во целата филозофија на GNU проектот. Многу фирми ги искористија предностите на слободниот софтвер па направија капитал со кој му прарираат на останатите компаниски гиганти. Чист пример за компанија која целосно преминала на употреба на слободен софтвер и заработување од него е Novell, а фирма гигант која го поддржува во секоја смисла слободниот софтвер е Google. И Вие може да заработувате од слободниот софтвер. Чист пример би било добро спакувана дистрибуција со јасно напишано упатство за употреба, на која Вие би одредиле логична цена за продажба. Се работи за работна рака, труд и начин на поддршка за давање на понатамошни услуги од областа на слободниот софтвер. Помошни врски кои мора да се прочитаат доколку овие работи не ви се јасни: * http://www.gnu.org/philosophy/selling.html Зошто би се ја помогнал Лугола?Затоа што така си ја помагате Вашата слобода и си осигурувате подобра иднина. Затоа што така помагате група на млади луѓе кои сакаат да направат подобро општество. И затоа што сме многу јаки ! |
|||
Почитувани посетители, Лугола повторно почнува да делува. На последниот состанок со дел од активните членови се дадоа одредени идеи и предлози, кои беа обелоденети на разните ресурси на заедницата, па затоа Ви ги пренесуваме и тука со цел дискутирање и нивно дополнување. Ситуацијата во нашата заедница не е баш најдобра. Кога Лугола би држела редовни состаноци тогаш ќе треба да се бериме 5 души од кои само неколкумина присутни. Има редица корисници/членови кои од почетокот доаѓаа па потоа не покажуваат никаков интерес за движењето за слободен софтвер. Тоа го почитуваме како нивна одлука. Од друга страна пак нема потреба официјално да прогласиме дека Лугола е мртва. Додека има барем 1 шо сака да ја коориднира работата, а засега има, ќе постои како псеудо организација. Сепак, мора некако да се сменат работите. Мојата идеја е, сајтот на Лугола да се организира слично на претходниот. Статички содржини и редовно ажурирање со информации кои би биле од интерес за корисниците на GNU/Linux. Значи не само за Лугола, можеби и колумни, мислења, линкање до интересни содржини итн. Да се даде повеќе социјален карактер на Лугола како постоење и слободниот софтвер како движење. Со тоа ќе се продолжи активизмот во корист на слободниот софтвер и ќе им се помага на тие на кои им треба помош, а сепак ние што сме останати со сериозни намери за активизам нема да зависиме од волјата на останатите, т.е. од другите преодни членови. Практично нема да има членување повеќе. Ако сакате да придонесувате, ќе можете да го правите на неколку нови начини кои Ви ги претставуваме. Би било фино ако се организира Хаклаб во Битола,и тоа како ќе привлечи интерес. Меѓутоа плановите засега не дозволуваат да превземеме таква одговорност, можеби и уште е рано. Ако некој сака да го реализира, нека нѐ контактира, ќе му дадеме конкретен предлог за можно решение за отворање на хаклаб во Битола. Како новитет во новото функционирање на Лугола би дошло мало освежување преку издавање на Е-zine со содржини кои ќе ги пишуваат сите кои сакаат. Варијанта е да се побара од луѓето со кои имаме контакти од Србија, Хрватска и пошироко да напишат одредени содржини по потреба. Зинот ќе има име, партизански ковер (значи random, едноставен) итн. Во план ни е да сработиме нешто и врз содржините на Викито, поминаа 3 години од постоењето, а имаме 300 содржини кои и не се баш така ажурирани. Тотален ремонт. Доколку имате предлози и идеи, испратете ни ги на info _at_ lugola.net. Бидете конструктивни и концизни. Поздрав |
|||
Почитувани Изминатиот нецел месец Лугола имаше големи проблеми со хостинг компанијата каде од пред 2 години ги хостиравме сајтовите на групата. Најважни ресурси за нас беа официјалниот сајт на Лугола (www.lugola.net) и Вики за слободен софтвер (wiki.lugola.net) кои од средината на месец август па се досега беа суспендирани поради, наводно, прекршени права за користење на услуги на компанијата IXWebHosting (понатаму IXWH). Имено, поради престарите софтверски пакети на серверите на IXWH, бевме под постојан напад на кракери и фишери кои поставуваа злонамерни содржини на нашиот сајт. Се обидувавме да го решиме тоа на секој можен начин, ги гоневме таквите содржини и враќавме сѐ на свое место. Истовремено ги известувавме и надлежните од IXWH за проблемот со кој се соочувавме. Кон 20ти август сите сметки на Лугола, заедно со сите поддомени на официјалниот сајт беа суспендирани. Не бевме во можност да одговориме веднаш, но сега, откако работите се вратија во нормала Ви ветуваме дека за најбрзо можно време ќе ги добиеме сите ресурси со кои располага заедницата на слободен софтвер во Македонија, особено Викито како место за помош на корисници на слободен софтвер. Заедницата на Македонија се покажа како стабилна и за хостирањето на сајтот на Лугола и Викито ни овозможи простор и услуги кои ги користат и други сајтови и сервиси во Македонија. Покрај тоа што Ве советуваме, никогаш да не хостирате свој сајт на ixwebhosting.com или startlogic.com, Ве повикуваме да ни помогнете во ревитализацијата на содржините на www.lugola.net и wiki.lugola.net преку пријавување на грешки и дооформување на постоечките содржини. Александар Балаловски, координатор |
|||
Зборот за Лугола можете да го раширите на многу начини. Секоја промоција на движењето за слободен софтвер може да биде од корист за заедницата. Така, ако сакате да ја промовирате Лугола, кажете за тоа што ние работиме, кои сме ние, каде можат да не најдат. Или едноставно, користете банерче на Вашиот сајт/блог/портал со врска до нашето место на Мрежата (за да поставите банерче на Вашиот простор, копирајте го и HTML кодот од под сликата и вметнете го на саканото место): |
|||
Лугола заклучно со 1ви јануари 2008г. нема да има членство по принципот на членување во изминатите години. Секој кој сака да биде дел од Лугола е добредојден да ги помогне нашите активности и да се вклучи во користењето и промовирањето на GNU/Linux и останатиот слободен софтвер. Најблиску до членување во Лугола денес би било да нѐ поддржите преку помагање на нашите активности (за кои ќе бидете известени преку овој сајт), преку режење дискови, насочување на корисниците на GNU/Linux да се обратат кон Лугола за било каква помош, па се до финансиска поддршка. Така Вие давате сигнал дека ја цените работата на активистите од Лугола и ќе бидете во тек каде и што ќе работиме. Доколку Вие сакате да ни се придружите, овојпат ќе треба да покажете дека сте сериозни во таа намера. Ќе дојдете на некој од настаните што во иднина ќе ги организираме, ќе делите дискови, летоци и други пропагандни материјали. Така ќе сметаме дека сте дел од Лугола и ќе бидете регистрирани на сите онлајн ресурси кои групата ги користи за организирање, од кои дел не сите се јавни. Или донирајте. Барем за нас знаете дека парите нема да ги искористиме за одмор на Фиџи, финансиите повторно ќе ги искористиме за Ваше добро. Така ќе знаеме дека сте дел од Лугола. Активистите од Лугола се во перманентно организирање на активности за промоција на заложби и идеологијата на движењето за слободен софтвер, сите новитети ќе бидат објавени на овој сајт. |
|||
Пред 4 години група млади амбициозни дечки од Битола ја формираа првата група на корисници во градот, што отпосле испадна дека ќе е најголема во државата. Оттогаш групата помина низ многу фази, бурен период, период на стагнација, активности, проекти, настани, случки. Никогаш никој од посериозните членови на Лугола не помислил Лугола да се распушти. Впрочем и тогаш кога би одлучиле така, нема што да распуштаме, Лугола е псеудо неформално здружение на граѓани. Во тоа е и возбудата и уживањето да се биде дел од Лугола и да се работи во корист на слободниот софтвер. Дали ова е нешто со кое треба да се гордееме? Се разбира дека е, имајќи во предвид дека голем дел од граѓаните во Битола, па и Македонија слушнаа за слободниот софтвер благодарение на редица прекрасни хакери кои поминале или сѐ уште се дел од групата. Се створија многу познанства, другарства. Сме биле на разни места и на разни случувања во земјава. Сега е време за мала промена во начинот на функционирање на групата. Група на корисници на GNU/Linux, стандардно би требало да функционира со активно членство, состаноци и собири. Тоа не го исклучуваме од начинот на работа, но имајќи го во предвид претходното искуство со последно организираните состаноци, мора да заклучиме дека таквиот начин на организирање е апсолутно непродуктивен. Затоа, Лугола можеби повеќе не може да се карактеризира како Група на корисници на GNU/Linux, едноставно како здружение кое го помага промовирањето на слободен софтвер во Македонија, помага на новите корисници (впрочем на секој кој ќе се обрати кон нас) при проблемите кои настанале и го придвижува користењето на слободен софтвер, слободни технологии и концептот за слободна култура во Македонија. Сегашна состојба на ЛуголаМногу од членовите на групата повеќе не се појавија на нашите редовни собири и активности. Исто толку добар дел замина од градот, на студии, на работа итн. Останавме малкумина. Но имајќи ги во предвид можностите на мрежата, би било штета да дозволиме Лугола да замре само поради тоа што не можеме да оствариме физички контакт. Организирањето ќе се одвива онлајн, со повремени состаноци тогаш кога условите ќе ни дозволат. Сегашната стостојба на групата може да ја набљудувате како на политичко движење кое работи во корист на општеството на правилен начин, како философско движење кое ја промовира (и се темели на) идеологијата за слободен софтвер, како група на корисници на слободен софтвер и уште неколку други релации. Генерално, гледајте на нас како на опслужувачи на корисниците и мисионери на слободата. Општи информации за ЛуголаФрмирана од Александар Балаловски, на 15и март 2004г. со цел поддршка на корисниците кои работат со GNU/Linux оперативен систем како и слободен софтвер во целина. Целата идеја е да се групираат познавањата и искуствата на понапредните корисници на GNU/Linux со цел помагање на тие кои сега се вклучуваат во работа со овој оперативен систем. Првиот состанок на групата е одржан на 15.03.2004 (понеделник), каде беа продискутирани поглавните и значајни одредби и цели кон кои Лугола треба да биде насочена со своето дејствување. Лугола постои да им помогне на корисниците кои ја гледаат иднината во слободниот софтвер и нивниот понатамошен развој на IT познавањата. Покрај нашето постоење и делување на територијата на Република Македонија постои и НВО „Слободен софтвер Македонија“. Дел од активните членови на Лугола се членови и на оваа невладина организација. Не е време да се плашите од поимот „слободен софтвер“ и „GNU/Linux“. Тоа не е нешто што е исклучиво за професионалци. Особено во последно време постојат дистрибуции кои се крајно пријателски расположени кон корисниците. Слободниот софтвер може да биде во Вашиот дом, канцеларија, на вашиот домашен компјутер, лаптоп, и се што би требало да ги задоволи вашите секојдневни потреби. Вие обидете се, ние ќе ви помогнеме. Проекти на кои сме работелеГрупата досега има работено на повеќе проекти. Тука ќе ги изложиме сите моментално активни или веќе реализирани проекти. Голема благодарност до сите кои ни помогнаа да ги оствариме истите.
СоработнициЛугола во своето кратко постоење стекна редовни соработници на кои им искажува голема благодарност. Значењето од тоа што овие фирми, акционерски друштва и медиумски организации стојат зад нас речиси секогаш кога е потребно е огромно. Благодарноста што овде ја искажуваме не може да се спореди со тоа што соработниците на Лугола го имаат направено за нас. Покрај организациите, фирмите, училиштата итн. кои ни помогнале досега, има редица индивидуалци кои ја поттикнале нашата работа. Се надеваме дека листата на соработници во понатамошното наше постоење се повеќе ќе расте:
ЛогоЛого на Лугола Логото на групата е нацртано од Гоце Митевски, фриленс дизајнер кој секогаш наоѓа време за заедницата на слободен софтвер. Голема благодарност до него. Право за користење: Creative Commons Наведи извор-Сподели под исти услови. Старото лого на Лугола беше нацртано од Јован Наумовски |
|||






20ти септември,
Стручната литература во нашата земја се наоѓа тешко. Секако, ја има на Интернет и тоа повеќе од доволно, но понекогаш е потребна печатена варијанта која за некои корисници е незаменлива. За таа цел, отвораме посебна секција „Библиотека“ реализирајќи идеја на групата за собирање финансии за купување на книги, кои потоа ќе може да ги користи секој кој ќе го побара тоа од нас.