5 години Лугола

Линуксаши и Линуксашки, Вие кои користите и Вие кои размислувате допрва да користите GNU/Linux, почитувани екселенции, младински задруги, подружни единици и кооперации:


Овие денови пред 5г. во Битола се спремаше софтверското востание кое подоцна како плод ја даде првата и најголема група на корисници на GNU/Linux од Македонија, Лугола. Иако од тогаш до денес работите драстично се сменети во однос на делувањето, структурата и резултатите кои произлегуваат од сето тоа, групата опстоја 5г. без да се откажеме. И покрај тоа што кај нас луѓето секогаш се спремни да ни кажат каде згрешивме, а не да нѐ пофалат кога сме успеале, да ни ветуваат 300 начини за поддршка и никогаш да не си го остварат ветувањето, Лугола не се откажува. Сме поминале низ мини-предизвици и нѐ очекуваат уште илјадници други предизвици со кои ќе треба да се избориме во иднина. Наша цел е да Ви помагаме тогаш кога ќе се обратите до нас за помош и поддршка, тоа сме го правеле во минатото, ќе го правиме и во иднина.

За да го заокружиме овој мал јубилеј, на 14ти март 2009г., во Клуб на Новинари во >=20.00ч. организираме прослава на која ќе бидат присутни сите главни фаци од заедницата, ќе има торта и дружење и ќе биде весело. Ве очекуваме да си ги земите партнерките и да се појавите во Клуб на Новинари, тие кои немаат партнерки, нека си ги викнат другарките. Зборот мора да се шири меѓу сите!

Во прилог објавуваме и цитат од Упатството за Групи на корисници на ГНУ/Линукс, од Вики за слободен софтвер:

Групите на корисници на компјутери не се ништо ново. Впрочем тие завземаат суштинска улога во историјата на персоналните компјутери (PC). Микро-компјутерите се развија како потреба за задоволување на барањата за домашен ефтин компјутер со лесен пристап до него од страна на хобисти и електроничари од тоа време. Гигантите како IBM открија дека PC може да биде добар извор на профит, но сепак основата и движечката сила дојдоа од обичните луѓе.

За да расте движењето за GNU/Linux во светот, покрај другите услови кои ГКЛ треба да ги задоволуваат е и нивното проширување и успех. Поради тоа што GNU/Linux за новите корисници има необична природа, ГКЛ мора да овозможат некои од услугите што регионалната канцеларија за поддршка на корисници отворена од IBM, Microsoft или Sun, би ја овозможила. ГКЛ треба и мора да ги обучи, да им даде поддршка и да ги образува корисниците, да се координира со консултантите за GNU/Linux, да ги застапува идеите на GNU/Linux како компјутерско решение па дури и одржува постојана врска со локалните медиуми.

Што се случи со Лугархија 4?

Со оглед на тоа што пред и по новогодишните празници, регрутацијата на луѓе кои би пишувале за Лугархија 4 не одеше баш најглатко, а и самите ние бевме спречени поради празниците да делуваме, го промашивме четвртиот број на Лугархија. Иако тоа не значи дека нема да има Лугархија 4, даваме сѐ од себе да ја надоместиме болката и загубата во нашите срца и да се покаеме за сторениот грев во Вашите очи, со нов број, секако пред официјално да излезе Лугархија 5 (15 февруари).

Па останете во тек. Ќе добиете е-пошта за сите промени.

2009та, среќна!

Групата на корисници на GNU/Linux од Битола, Ви посакува среќна Нова година, да Ви се исполнат сите желби и во 2009та, со наша помош да зачекорите кон поефективно и квалитетно користење на моќта на компјутерските хардверски платформи преку користењето на слободниот софтвер и она што тој го нуди.

Истовремено Ве повикуваме нашата работа да ја помогнете преку пишување на текстови за Лугархија, или пак директно преку финансиска и материјална помош за Лугола, за чие проследување ќе може да добиете информации ако нѐ контактирате :)

Поздрав, сѐ најдобро!

25ти „Chaos computer club congress“

25тиот конгрес на Chaos Computer Club (CCC) (25c3 -25th Chaos Communication Congress) е 4-дневна годишна конференција организирана од CCC. Се случува во Берлин, во Berliner Congress Center. Конференцијата нуди лекции и работилници на различни теми и истовремено привлекува различен вид на публика составена од илјадници хакери, научници, уметници и луѓе кои веруваат во подобра иднина. Слоганот на овогодинешниот 25c3 е „Ништо не криеме“!

Оваа година, дел од македонската заедница на активисти ќе биде присутна на конгресот, меѓу кои и член на Лугола. Иако веќе касно, доколку имате начин да присуствувате на настанот контактирајте не за понатамошни насоки.

Поздрав!

Лугархија #3

Со срдечни желби за бериќетна и просперитетна две-хиљаду-и-деветта Ви соопштуваме дека на свет дојде Лугархија бр.3. Овој број е прв со повеќе-јазични содржини. Соработката која ја остваруваме со хакерите и активистите од светот доаѓа до израз преку заедничка соработка. Ќе се обидеме во иднина да овозможиме поголем број на вакви содржини.

До 2009г. остана уште малку. Но ние речиси остваривме се што замисливме. Ајде, ќе си посакаме се „најубо“ ден-два пред нова година.

Дотогаш, сите четива од Лугархија, по 5 пати да ги прочитате. Исто како што сте ги изгледале сите епизоди од „The Big Bang theory“ по 4 пати!

E-Society со гостин и од Лугола

На 10 декември 2008г. во организација на Метаморфозис во Скопје повторно се случи E-Society, конференција преку која се разгледуваат начините и можностите за имплементирање на услугите на ИКТ во служба на граѓаните. Оваа година повторно имавме наш удел во реализирањето на конференцијата преку наша презентација, во сесијата „e-Education Platforms“, на тема „FLOSS Solutions“, односно решенија базирани на слободен софтвер за е-образовни цели. Презентер беше Александар Балаловски.

Се запознавме со нови луѓе, некои кои ги знаевме само на мрежата, се видовме со стари пријатели.
Тоа би било и последниот поголем настан каде што гостувавме оваа година. Остануваат уште малку денови до 2009та, па дотогаш ќе Ви понудиме можност за учење преку најновиот број на Лугархија (#3) кој излегува утре (15.12).

Поздрав

Лугархија 2, ноември 2008

Овојпат нема изненадувања. Како што ветуваме така правиме. Рековме секој 15ти, го имаме и вториот број на Лугархија.

Местото е старо, а „сиже“ ќе видите овде.

Електронско известување за новите броеви на Лугархија

Кратко известување, од денес ќе можете да се пријавите со Вашата е-пошта на сајтот на Лугархија (лево-долу под банерот) со што секој нареден број на езинот на дадената адреса ќе Ви стигнува известување за новиот број.

Оваа можност е сѐ уште во тест-фаза, па ако наидете на проблем или нешто не фукнционира испратете ни известување.

Чао

Одзивот за Лугархија

Поминаа 12 дена откако го објавивме првиот број на Лугархија. Имаме одговорност да Ви ги соопштиме првичните реакции кои ги добивме и кои ни велат дека ретко кој дава негативна критика за целата идеја и квалитетот на тоа што го објавивме.

На самиот сајт на езинот за 10 дена имаме над 600 посети. Најголем број се преку директен пристап на поддоменот, а останатите од линкање преку банери со сајтови со кои соработуваме. Претпоставуваме дека барем 2/3 од посетителите го прочитале магазинот и имаат што да кажат за него. Доколку имате идеја, критика или пак текст кој сакате да се објави во езинот, контактирајте нѐ и ќе добиете одговор веднаш.

Заедницата ни испраќа е-пошта со позитивни реакции за езинот. Останува да работиме на следниот ноемвриски број, да го зголемиме бројот на страници и да го задржиме (или оформиме) квалитетот на Лугархија. Очекувајте многу повеќе знаење кое сме спремни да го споделиме со Вас, затоа што знаењето е ВАШЕ ;)

На Ваше големо очекување, ЛУГАРХИЈА

На перон 1, директно од Битола пристигна Лугархија, првиот ezine за слободен софтвер и слободна/хакерска култура од македонскиве простори.

Тоа би се рекло: Излезе Лугархија, број 1, октомври 2008!

Првиот број не изобилува со многу содржини, сепак е прв и има 16тина странички, меѓутоа сметаме дека со тоа ќе створиме отскочна даска, едноставно колку
да тргниме од некаде во реализација на нашата идеја. Идеите и сугестиите се добредојдени, отворени како порт 80 за Вашите сугестии.

Голема благодарност изразуваме за тие кои воопшто се заинтересираа кон ова издание, сите Луголаши кои се ангажираа кон пишењето и оние кои ќе ги поделат печатените примероци по школите низ Македонија (најпрво ќе биде опфатено едно училиште од Битола, по договор). Со овој обид за ширење на знаењето ќе се обидеме да промовираме слободно знаење, ќе пробаме преку овој магазин да придонесеме за поквалитетно и медиумски независно известување кое сите ние гозаслужуваме! Од една страна ни е чест што агендата на Лугола 2.0 се одвива како што замисливме, од друга страна пак ни е ќеф што (речиси) сите од Лугола се зафатиме во реализирањето на зинот, едноставно WE DID IT !!!

Среќно хакирање!

Syndicate content